КИЧЕВО

Кичево лежи во средишниот дел на Кичевската Котлина. Историски гледано, првпат се спомнува во почетокот на XI век (1018 година) во една повелба на царот Василие II под името Кицавис. Во средниот век градот бил важен војнички центар. Кон крајот на XIV век и почетокот на XV век започнува да се развива како трговско-занаетчиско место. Изградбата на патот Скопје-Кичево-Охрид во 1919 година придонело за јакнење на неговата занаетчиско-трговска функција. Кон крајот на XIX век и во почетокот на XX век градот броел околу 5.000 жители, а по Балканските војни опаднал на околу 1.000, а во 2002 година имало околу 30.000-жители. Во стопанството доминираат рударството и индустријата. Пресудни за стопанскиот развој на Кичево се присуството на рудните наоѓалишта на железо и неметали во околината на градот и изградбата на пругата Скопје – Кичево во 1952 година, кога Кичево станува важна товарна станица во Западна Македонија.

Китино Кале се нарекува едно специфично возвишение покрај Кичево. Во дадени временски периоди таму егзистирала главна населба, со два реда цврсти тврдини и неколку кули. Се уште стои една од кулите, каде се најдени пари од времето на Александар Македонски и Јустинијан. Народната легенда вели дека во дворецот на Калето живеела Кита, една од сестрите на Крали Марко, по која Калето го добило името. Денес тврдината Китино Кале претставува археолошки локалитет, а целиот простор е уреден парк и претставува пријатно место за рекреација и дружење.

 

Првите христијански светилишта во Кичево се спомнуваат во V и VI век. Во Кичево порано имало три цркви, кои за време на османлиското владеење биле разрушени. Црквата Св. Петар и Павле е изградена на темелите на постар објект во 1907 година, а осветена е во 1917 година. Во 1943 година е изградена и камбанарија.

 

Манастирот е посветен на Благовештение, а општото име му е Пречиста (од празникот Воведение на Богородица во храмот). Изграден е во 1316 година. Се наоѓа близу Кичево, на планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри. Порано се викал Крнински манастир, според селото Крнино, што постоело во негова близина до XIX век. Денес Света Богородица Пречиста е женски манастир. Во 1558 година манастирот бил изгорен до темел, а монасите успеале да се спасат преку подземни тунели. Во 1848 година биле запалени сите манастирски книги кои моментално се нашле таму, по наредба на дебарскиот грчки митрополит Мелетиј, но и покрај тоа, богослужбата продолжила да се одржува на словенски јазик. Сегашната црква датира од 1850 година. На новиот величествен храм работеле мијачките мајстори од тајфата на Дичо Зографот, кој го завршил олтарниот простор, а син му Аврам, триесетина години подоцна, го доработил фрескоживописот. Со својата вредност се истакнуваат и прекрасниот иконостас, како и црковните книги, меѓу кои е Четвороевангелието од XIV век и Псалтирот од XV век. Во црквата се наоѓа извор на света вода, посветен на св. Богородица.

 

Вештачкото езеро што пред десетина години се формира во една од депресиите на поранешниот рудник за јаглен Осломеј, со површина од над 30.000 метри квадратни и со максимална длабочина до 15 метри, за првпат ќе се порибува со крап во текот на наредните петнаесетина дена. За порибување на Осломејското Езеро иницијатива беше покрената од група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, кои имаат за цел ова вештачко езеро за краток период да се претвори во вистински рај за спортските риболовци и љубителите на убавата природа.