ПЕШАЧКА ТУРА:
Претор – Сливница – Манастир Пресвета Богородица – Црква Свети Ѓорги над село Курбиново
Турата почнува од туристичка населба Претор oд крајот на населбата до плажата во Сливница има уредена патека со бекатон и асфалт за пешаци и велосипедисти……
ТУРИСТИЧКА НАСЕЛБА ПРЕТОР
Според едно тврдење името Претор потекнува од називот со кој, во самоилово време, била нарекувана царската телесна гарда која на тоа место имала свој логор. Туристичката населба Претор се наоѓа веднаш до селото Претор на 14 километри од Ресен. Поседува убави плажи, ресторани, хотели и викенд куќи каде се издаваат соби.
ПОВЕЌЕ…
Дали да се разладите на планина и на езеро e комбинација која е вистински рајски спој. Доколку и вие сте љубители на чистата, исконска, недопрена природа да ја надополните со урбаните плажи Селата Претор, Курбиново и Сливница се наоѓаат токму во овој раскошен предел, сместени во потпелистерското крајбрежје на Преспанското Езеро. И двете села располагаат со цркви и манастири сместени на некои 3-4 километри над нив, на почекот на шумата каде што слободно можете да стигнете со автомобил.
Според едно тврдење името Претор потекнува од називот со кој, во самоилово време, била нарекувана царската телесна гарда која на тоа место имала свој логор.
ПЛАЖИ ВО СЕЛО СЛИВНИЦА
Прекрасните плажи ,,Конект бич,, и ,,Цоца,, покрај уживање покрај вода нудат квалитетна храна и забавни активности.Овие плажи се поврзани со уредена патека со Претор.
После оваа дестинација турата продолжува по асфалтен пат го пресечува мегународниот пат Макази Маркова нога и оди по селски асфалтен пат до селото Сливница, од каде продолжува нагоре по асфалтен пат до Манастирот Преспвета богородица. Попатна станица која треба да се фотографира е преубав поглед кон Преспанското Езеро и островите, место погодно за мала пауза на туристите.
МАНАСТИР ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Манастир оддалечен 4,5 км од селото Сливница, со конаци, црква, чешма со лековите вода, летна кујна со настрешница извонредно место за оброк со туристи.
Овде со векови, секоја година на 20/21 септември на денот на Раѓањето на св. Богородица или на Мала Богородица како што уште се нарекува, доаѓале верниците од сите преспански села, но и од селата од другата страна на планината Пелистер, како што било селото Маловишта.
Сливничкиот манастир „Св. Богородица“ е стар околу 400 години, датира од 1607 година, а е сместен во густата листопадна шума на еден стрмен и длабоко засечен дол, на западната падина на планината Баба, високо над источниот брег од Преспанското Езеро.
Бујната природа го одзема здивот во текот на сите годишни времиња. Во лето плени зелената боја, а на есен жолто златната боја и позлатениот тепих од лисје кој ниту уметник не би го насликал подобро.
Манастирот има широк двор со зеленило, 20 конаци кои имаат 90 легла, кујна и трпезарија. На средина се наоѓа манастирската црква и камбанарија, а од левата страна на црковниот храм има лековита вода за која се верува дека помага за пород и лечи од болести.
Овој манастир се наоѓа подлабоко во шумата и затоа нуди неверојатно свеж воздух и ладовина идеални за јулските и за августовските жештини. Се верува дека водата која извира во манастирскиот двор е лековита за неродилки.
Од ова место Мајката Божја им дарила пород на голем број жени.
Целиот комплекс е граден со камен, па изгледот е уште поавтентичен и прекрасен за око.
Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните преспански села каде учители биле свештениците.
Богородица. Според сведочењата на десетици луѓе, Богородица неколку пати се појавила околу манастирскиот комплекс. Првите сведочења се појавуваат од времето на Првата светска војна, додека последното е забележано во 2006.
Селото СЛИВНИЦА е сместено на источната страна од Големото Преспанско Езеро, во една од западните пазуви на планината Баба, јужно од нејзиниот разгранок Вево и од леватастрана на патот Макази-Маркова Нога. Сместено е на надморска височина од околу 900 метри. Од општинското средиште, градот Ресен, е оддалечено 16 километри. Сливница било преместувано. За негова претходна положба се спомнува месноста Шуица на 1,5 километри јужно од денешната, на која сè уште постојат видливи остатоци (црква, гробишта, др.). Се пренесува сеќавање дека претходната положба била напуштена негде во текот на XVIII век по еден напад на селото од некоја поголема разбојничка група, кога биле убиени повеќе луѓе, а селото било целосно ограбено и запалено. Еден дел од преживеаните жители се населиле во соседното село Арвати, а другиот дел свои огништа подигнал на местото на кое денес се наоѓа селото.
Низ атарот на селото и во неговата непосредна близина (северно од него) тече поток Сливничка Река, а на околу 0,5 километри јужно од селото друг поток, Шуичка Река. Во летниот период двата потока целосно пресушуваат. Веднаш под селото се простираат цветни ливади, убаво обработени лозја, а во тесниот крајбрежен појас овошни насади и песочни плажи кои се надалеку познати и многу посетувани од капачи и туристи во летниот период. На 3 километри над селото во густ шумски предел се наоѓа познатиот Сливнички манастир. Сливница е село од собран тип со околу 50 куќи, старите целосно обновени, а има и новоизградени, безмалку сите наредени од двете страни на една иста асфалтирана улица. Преовладуваат белите фасади.
ЦРКВАТА СВЕТИ ЃOРГИ ВО СЕЛО КУРБИНОВО
Додека од селото Сливница до Манастирот Преспвета Богородица води асфалтен пат, од овој манастир до Црквата Св. Ѓорги над село Курбиново се оди по земјен пат. Се пешачи скоро сат време во преубав предел. Оваа патека е дел од прочуената Патека на светите води.
Исклучително вреден споменик на византиското сликарство во Македонија, претставуваат фреските во црквата Св. Ѓорѓи над селото Курбиново. Градбата е лоцирана речиси на самата ивица, на место каде завршува густиот шумскиот појас на пелистерскиот масив и се отвара прекрасната глетка кон Преспанското езеро. Од селото Курбиново до светилиштето води тесен асфалтен пат во должина од 3 км.
Сликарството во оваа црква потекнува од 1191 год., односно од времето на владеачката византиска династија на Комнените-Ангелите, според кои и сликарството од нивното време често се нарекува Комненски стил. Денес, преовладува мислењето дека фреските во црквата според своите стилско-ликовни карактеристики се примери на највисоките дострели во доменот на монументалното сликарство во источнохристијанската уметност.
СВ. ЃОРЃИ – С. КУРБИНОВО е во подножјето на планината Пелистер, северно од селото Курбиново. Други пишани документи или податоци за историјата на црквата – кога е подигната, кои се ктиторите, кога е напуштена и кога ги доживува преправките – не постојат. Црквата Св. Ѓорѓи, по својот архитектурен изглед, е еднокорабна и мала по димензии, со полукружна апсида однатре и однадвор. Во светлината на досега познатите факти, фреско-декорацијата во курбиновската црква може да се помести во кругот на оние сликарства во византиските земји кои својот најголем дострел го постигнале на фреските од 1164 година, во црквата Св. Пантелејмон во Горно Нерези, крај Скопје. Компликуваните драперии, истакнатите форми на лицата и телата, еластичноста на фигурите му даваат на ова сликарство силно, индивидуално обележје и посебност, во усогласениот тек на византиските сфаќања за сликата. На сите овие посебности во сликарството на нерешката група, фреските во Курбиново му додаваат уште една понагласена нота. Таа е, пред сè, многу видлива во сликањето на драпериите.
Оваа црква е споменик на културата заштитен со закон, а од неодамна беа започнати активности за нејзина реставрација. Добро би било при посетата на црквата да имате со себе банкнота од 50 македонски денари бидејќи сигурно ќе сакате да ја споредите со „Св. Архангел Гаврил“ или „Ангелот од Курбиново“. Имено, ликот на овој светец е насликан на источниот ѕид од олтарот и токму сегмент од оваа фреска се наоѓа на задната страна на банкнотата од 50 денари. Од дворот на црквата имате прекрасен поглед на Преспанското Езеро кое можете да го впивате на некоја од клупите под многулетниот даб уживајќи во мирот и во спокојот што го нудат само ваквите места.