You are currently viewing ДЕБАР

Дебар е град во западниот дел на Македонија и административен центар на Општина Дебар, која опфаќа уште и 17 села. Се наоѓа во Дебарското Поле, покрај брегот на Дебарското Езеро. Претставува центар на крајниот западен регион, кој главно е населен со Македонци од муслиманска вероисповед. Голем дел научници тврдат дека името на градот Дебар е од македонско потекло, односно старословенскиот и другите словенските јазици. На старословенски јазик именката дебар (дьбръ) означува долина, котлина, што соодветствува со местоположбата и околината. Македонскиот просветител, преродбеник и учител Јордан Хаџи-Константинов – Џинот во своите записи, патеписи и објавени статии во педесеттите години на 19 век, често го употребува зборот дебрина, дебрини за долини и котлини. Оттаму може да се заклучи дека името (топонимот) Дебар е образувано од физичко-географски, односно орографски термини со значење долина, односно котлина. Легендите на народниот раскажувач поинаку го толкуваат потеклото на името Дебар. Во свое време Дебар бил едно големо село, чии жители се занимавале со занаети и кираџилук. Кираџиите, патувајќи по стрмните патишта ги заморувале коњите, особено кога се враќале, бидејќи биле многу натоварени заморените коњи тие ги терале со „Ди-бре, ди-бре! “ и со времето овој назив останал да се употребува за седиштето на градот со прилично убав изглед.

 

Бања Косоврасти се наоѓа во подножјето на планината Крчин, непосредно покрај Радика во близина на Дебар. Изворот е со капацитет од околу 60 л/сек. Температурата на водата е 48 С и се одликува како сулфурно-сулфидна со голем степен на радиоактивност и присуство на алги погодни за лечење и за научни цели. Со ваквите карактеристики водата се користи за лечење на зголемен крвен притисок, ревматични заболувања, дијабетес, кожни заболувања, воспаление на дишните органи.

 

Околината на езерото е прекрасен живопис надополнет со повеќе објекти во неговото опкружување. Дебарско Езеро, познато и како акумулација Шпиље, е подигнато на реката Црн Дрим во близина на македонско – албанската граница. Се простира по долините на реките Црн Дрим и Радика. Акумулацијата е наполнета во 1969 година и зафаќа површина од 13,2 км2, со корисна зафатнина од 70х106 м2. Има земјена брана со насипан чакал и глинено јадро. Наменета е за производство на електрична енергија и наводнување. На должина од 13 километри долж долината на Црн Дрим и 8 км долж долината на Радика, езерското опкружување го надополнуваат градот Дебар, бањите Косоврасти и Бањиште, манастирот во Рајчица, околните планински врвови. Езерото стана актуелно и за спортско-рекреативни и туристички цели.

 

Манастирот е лоциран во селото Рајчица, три километри од Дебар. Манастирските конаци биле изградени во 1835 година, а црквата била зографисана во периодот од 1840 до 1852 година. Денес е женски манастир. Во него се чува парче од крстот на Исус Христос и дел од моштите на св. Ѓорѓи Победоносец. Во манастирските конаци има простор за околу стотина гости кои, покрај духовниот мир, можат да го почувствуваат и животот на монахињите. Во неколку работилници, тие посветено и педантно изработуваат митри (украсни капи кои ги носат епископите за време на литургии), икони, бројаници и други црковни предмети. Митрите изработени овде се мошне квалитетни и барани од епископите.